Грчкиот претседател тврди: Македонија беше и ќе остане грчка

07.10.2015 12:41

Како што јавува дописникот на МРТ од Атина, во рамките на посетата реонот на Лариса, Павлопулос говореше за „грчки дух“ на Македонија, нарекувајќи ја „лулка на културата на Грците“...

„Македонија беше, е и ќе остане грчка“ – оваа провокативна порака ја испрати грчкиот претседател Прокопис Павлопулос од реонот на Лариса. Како што јавува дописникот на МРТ од Атина, во рамките на посетата, Павлопулос говореше за „грчки дух“ на Македонија, нарекувајќи ја „лулка на културата на Грците“.

„Македонија, како лулка на културата и храброста на Грците, беше, е и ќе остане грчка. Фалсификаторите на историјата, кои што се осудуваат да ја негираат грчкоста на Македонија, ќе бидат исмеани поради некохерентните тврдења. Оние пак, во меѓународната заедница кои што индиферентно го набљудуваат ова или пак го симпатизираат, се директни или индиректни соучесници во силувањето на историјата, изјави Павлопулос.

Вџашеност поради ваквите ставови на грчкиот претседател изразуваат од Европската слободна алијанса од Брисел, чиј член е и партијата на Македонците во Грција „Виножито“.

„Вакви изливи на иредентизам и нетолеранција не само што не се прифатливи и целосно недостојни за државник од Европската Унија во 21- от век, туку истовремено се во спротивност со основниот здрав разум. Сите знаат дека постои голем број на етнички Македоци што живеат во грчкиот дел на Македонија и дека исто така, постои и независна земја наречена Република Македонија на северната граница на Грција“, стои во реакцијата на ЕСА.

Тврдењето дека Македонија е една и грчка е во спротивност со времената спогодба од ’95 та, која што забранува монополизирање на терминот Македонија. Сепак, поголемиот дел од јавното мислење во Грција оди во оваа насока, со оглед на тоа што тезата дека Македонија била една и грчка е поддржана од најголем дел од паралементарните политички партии, како владеачката Независни Грци и опозициските Златна Зора и Нова Демократија, од чии редови е и Павлопулос. Токму од оваа теза понатаму произлегува и позицијата на овие партии дека решението на спорот со нашата земја треба да биде име кое што не смее да го содржи терминот Македонија.

Изјавата на Павлопулос доаѓа непосредно по говорот на македонскиот премиер Никола Груевски во Обединетите Нации, кој што предизвика бура од негативни коментари во Грција.

Пораката на македонскиот премиер дека ние сме Македонци, зборуваме македонски јазик и живееме во држава со уставно име Република Македонија, во Грција се коментраше како пример за нефлексибилноста на Груевски во однос на овие прашања и сигнал дека нема да остави никаков простор за пометување од овие позиции.

Ваквите реакции од грчките политичари и медиуми беа само уште еден показател дека освен со нашето уставно име, јужниот сосед има проблем и со нашиот идентитет, односно името на јазикот и на нацијата.

 

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ