Промовирано капиталното дело „Православна енциклопедија“

07.10.2015 16:14

Капиталното дело „Православна енциклопедија“ во издание на Руската православна црква денеска беше промовирано во Охрид. На овој настан меѓудругите присуствуваше Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан...

Православната енциклопедија е еден од најголемите научни трудови во последните 50 години, не само за православните, туку и за другите земји, рече на промоцијата Михаил Швидкој, специјален претставник на рускиот претседател Путин за меѓународна културна соработка.  Негова заложба отсекогаш била обединување на словените, кои во Европа ги има повеќе од 300 милиони.

„Словенското обединување е многу значајно за целиот свет и ние сакаме да се слушне гласот на словените. Повеќето словенски земји сега се членки на Европската Унија и сите треба да разберат дека словените се многу значаен дел од севкупниот европски живот“, изјави Михаил Швидкој, специјален претставник на рускиот претседател за меѓународна културна соработка.

Промоцијата на енциклопедијата од која се подготвени 38 тома е голем историски чин,бидеќи следуваат обработките на буквите „М“ и „О“, при што посебно место ќе имаат Македонија, Македонската православна црква и Охридската архиепископија.  

„Нешто што ќе ја прикаже вистината за црквата во Македонија, нејзините корени, животот во овие 20 христијански векови и секако свое место ќе најде и актуелниот живот и статус на МПЦ“, изјави архиепископот г.г. Стефан, поглавар на Македонската православна црква.

Доаѓајќи во Македонија потполно разбрав зошто изворите на православието на Русија се поврзани со оваа убавина овде,рече директорот на Православната енциклопедија. „Фактот што енциклопедијата е донесена во Охрид е многу значаен. За сега, првично се планирани 100 статии за Македонија, но тоа може да се промени и да се прошири“, рече Сергеј Кравец, директор на Православната енциклопедија.

Ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски денеска беше назначен за Главен редактор на енциклопедијата за Македонија.  

„Ќе се вклучат сите оние кои што имаат научни публикации и истражувања и кои се занимаваат со оваа проблематика“, додаде проф. д-р Велимир Стојковски, ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј- Скопје.

Се очекува научните истражувања за Македонија и Македонската православна црква да траат 7 месеци, додека за Охридската архиепископија истражувањето ќе се одвива од најмалку една година.

 

Сашо Нелоски