Изборен законик: Продолжуваат разговорите на работните групи
Работните групи и денеска продолжуваат со преговорите за изборната регулатива. Партиите се уште се на различни позиции по повеќе прашања. Откако вчера разговорите запнаа околу предложениот закон за мораториум на прислушуваните разговори, од владејачката партија велат дека решението е отворено за доработка...

Продолжуваат разговорите за изборниот законик откако партиите не успеаја да се договорат до предвидениот рок кој истече вчера. До утринските часови работните групи се обидувале да најдат решение, но разговорите запнале кај законот што го предложија ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ во собранието, а предвидува забрана за објавување на присчишкувани материјали. Еден од предлагачите, пратеникот на ДУИ, Талат Џафери рече дека нема да го повлече законот. Антонио Милошоски од ВМРО- ДПМНЕ вели дека законот е отворен за доработка.
„Договорено е предлог законот заедно со иницијативата која ја има во Министерството за правда да се работат заеднички и да бидат разгледани од работните групи, но истовремено во самото собрание и пратеничките групи, оние кои го предале законот, но и другите да го разгледаат текстот и да видат кои се можните опции за подобрување“, вели Антонио Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ.
Точно е дека се разговараше во идниот период кога ќе дојде темата за правосудството да биде регулирано објавувањето на прислушкувани материјали во иднина, за да нема злоупотреби. Но, ова што вчера го презентираа владејачките партии беше комплетно изненадување и за нас и за странците, вели лидерот на СДСМ.
„Потенцирам, она што е меѓу партиите разговарано досега се однесува на идното објавување материјали. Сега власта изнаоѓа милиони начини за да купи време и се глупира со последното законско решение и сето тоа на штета на граѓаните“, изјави Зоран Заев.
Илија Димовски вели дека СДСМ бара секаков начин за да го одложи и проблематизира донесувањето на изборниот законик.
„Нема што да криеме. Се што требало да се објави е објавено. Ние самите дадовме поддршка на сите постапки кои што течат во државата и дополнително, ваква регулатива како што кажав, веќе постои во Кривичниот Законик. Сега имаме и Специјално Обвинителство, се надевам дека и Специјалното Обвинителство ќе си го земе предвид Кривичниот Законик“, рече Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Предложениот закон предизвика реакции. ЗНМ смета дека со него се прекршува уставот кој во членот 16 вели дека цензурата е забранета. Новинарското здружение побара повлекување на законот.
Катерина Топалова
