Законот за необјавување на „бомбите“ повлечен, се усогласуваат ставовите за изборната регулатива
Сѐ поизвесно е дека дијаспората нема да избира свои претставници на предвремените избори. Позициите се спротивни, ДУИ и ДПА сметаат дека дијаспората не треба да гласа, ВМРО-ДПМНЕ е за, додека СДСМ бара да се обезбедат механизми...

Предлог-законите за необјавување на прислушуваните разговори и за таканаречените „свиркачи“, ќе бидат усвоени во Собранието до 20-ти октомври. Ваков договор постигнале партиите со посредство на меѓународните претставници.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ е со став дека предложениот закон може и треба да се доработи и да се донесе заедно со законот за дојавувачи на корупција. Вчера попладне предлагачите Талат Џафери од ДУИ и Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ, го повлекоа предлог- законот од собраниска процедура.
Сѐ поизвесно е дека дијаспората нема да избира свои претставници на предвремените избори. Позициите се спротивни, ДУИ и ДПА сметаат дека дијаспората не треба да гласа, ВМРО-ДПМНЕ е за, додека СДСМ бара да се обезбедат механизми, пратениците од дијаспората да бидат избрани со минимум 80 насто од просекот гласови што во Македонија ги добива еден пратеник.
Пречистувањето на избирачкиот список ќе се врши делумно на терен и делумно со споредба на податоците на различните институции.
Државната изборна комисија добива поголеми надлежности, право да поднесува прекршочни пријави и директно да врши увид во изборниот материјал. Како и досега, по жалбите ќе одлучува Управниот суд, но на јавни седници.