Спектакуларен настап на камерниот оркестар на Македонската Филхармонија во Њујорк

08.10.2015 11:08

Камерниот оркестар на Македонската Филхармонија е најдобриот претставник на македонската култура и музика, којшто премиерно изведува дела на македонски композитори, вака пред американската публика беше претставен настапот на македонските музичари во концертната сала „Меркин“ на Центарот Кауфман во Њујорк...

Спектакуларен настап на Камерниот оркестар на Македонската Филхармонија во Центарот Кауфман во Њујорк, со делата на македонскиот композитор Гоце Коларовски, турскиот Хасан Тура и унгарскиот Бела Барток.

„Прекрасно е, убаво, навистина е многу моќна, трогателна и емоционална музика. Јас свирам на гитара и многу ми се допадна изведбата. Навистина сум среќен што дојдов на концертот“.

„Навистина добро и релаксирачки“, велат присутните посетители кои ги анкетиравме.

Камерниот оркестар под диригентство на Борјан Цанев настапи со солистот на кларинет Исмаил Лумановски, којшто веќе 12 години твори во САД и е добро познат на американската публика.

„Сакам да им се заблагодарам на колегите, на музичарите. Навистина изгореа на сцена вечерва, го дадоа својот максимум. Тоа го покажа и публиката. Јас сум многу, многу задоволен“, изајви диригентот Борјан Цанев.

„Имам настапувано многу пати во Меркин Хол со различни ансамбли како солист. Но вечерва беше многу важно и многу специјална вечер за мене, поради тоа за првпат настапував со мој тим, со македонскиот камерен оркестар со Маестро Борјан Цанев. Ова навистина е многу, пред бев многу горд на сето тоа“, вели виртуозот на кларинет Исмаил Лумановски.

Камерниот оркестар на Македонската Филхармонија од основањето во 44-та година е најдобриот амбасадор на македонската музика во светот. 

„Навистина прекрасна изведба. Посебно ми е драго што во самата програма се изведуваше и македонско дело на Гоце Коларовски. Програмата беше навистина прекрасна и тоа можеше да се види и од самите посетители коишто со воодушевување го примија овој концерт. Така што големи честитки и се надевам дека и утре во Карнеги Хол ќе се повтори овој голем успех“, рече министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска.

„Претставувањето со вакви настапи е многу важно, како што истакна и министерката, и за македонската музичка култура, посебно  за Република Македонија. Јас верувам дека и понатаму ќе имаме можности да настапување тука во САД. Секако има големи центри освен Њујорк, како што е Вашингтон, Чикаго итн. Верувам дека ќе се отворат нови можности за вакви настапи, а можеби и за гостување на целата филхармонија, а не само камерниот оркестар“, изјави Маја Чаначевиќ, директор на Македонската Филхармонија.

Камерниот оркестар ќе има прв настап и во престижниот Карнеги Хол во Њујорк. За својата работа и придонес за македонската култура и уметност, оркестарот на Македонската Филхармонија е одликуван со орден „11 Октомври“.

Познатиот музички центар и музичко училиште „Кауфман“ во Њујорк годишно има околу 70 илјади посетители.

 

Ирина Гелевска, специјален известувач од Њујорк за МРТ