Македонија на „Гугл стрит вју“- и локалните бизниси имаат корист
Новата можност за визуелно истражување на Македонија ќе придонесе за поголема промоција на земјава во светски рамки и за развој на туризмот...

Македонија на дланка. Од денеска корисниците на Гугл од земјава и од целиот свет можат лесно да се движат низ македонските улици. На „стрит вју“ мапите со еден клик може да се направи прошетка низ Скопје, Битола или Охрид. Од живописните планински предели на Маврово и Ростуше, до Охридско езеро или Камениот мост во Скопје – со 360 панорамски слики се прикажуваат и некои од најважните туристички и историски локалитети.
Преку виртуелната тура корисниците може да прават планови за патување, да договорат место за средба или подобро да се запознаат со областа. Новата можност за визуелно истражување на Македонија ќе придонесе за поголема промоција на земјава во светски рамки и за развој на туризмот. И локалните бизниси може да имаат корист од „стрит вју“ технологијата со бесплатно вградување на „Гугл мапс“ директно на нивниот веб-сајт. Ќе имаат можност да промовираат сместувачки капацитети или да информираат за рестораните, туристичките места.
Возилото на Гугл повеќе месеци ја мапираше и ја фотографираше земјава. Освен по булеварите, се движело и по помали улици низ населбите.
Лицата на македонските граѓани, како и регистарските таблички на возилата се заматени. Најмногу материјали има од Скопје, а се опфатени и другите градови во Mакедонија.
Сунчица Николоска
