Македонија со најниски даноци во светот
Зад Македонија, со вкупна даночна стапка од 7,4 насто се најдоа Катар, Кувајт, Бахреин и Лесото. Атрактивниот Сингапур се најде на 10-тата позиција, а зад него се Хрватска и Луксембург...

Македонија има најниска вкупна даночна стапка во светот и се најде на првото место на листата на 18 рангирани земји што ја објави „Бизнис инсајдер“. Зад Македонија, со вкупна даночна стапка од 7,4 насто се најдоа Катар, Кувајт, Бахреин и Лесото. Атрактивниот Сингапур се најде на 10-тата позиција, а зад него се Хрватска и Луксембург.
Од балканските земји на листата се најде и Црна Гора која е претпоследна рангирана со вкупна даночна стапка од 22,3%. На крајот е Хонг Конг кој има три пати поголемо даночно оптоварување во однос на Македонија. Според „Бизнис инсајдер“, рангирањето ги вклучува сите даноци за трудот што паѓаат на работодавачот, освен данокот на доход што го плаќа вработениот со одбиток.
Последниот извештај за глобална конкурентност на „Светскиот економски форум“, го користи терминот „вкупна даночна стапка“ како мерка за тоа колку е конкурентна една земја. Големите светски корпорации кога планираат лоцирање на нови инвестиции големо внимание посветуваат и на висината на вкупната даночна стапка во земјите кои влегуваат во потесен избор за вложување.
Македонија останува земја со најниски даноци за разлика од поголем број земји кои поради глобалната криза го зголемија ДДВ-то или пак воведоа нови даночни оптоварувања.
Земјава е прворангирана во светот и според критериумот најмало даночно оптоварување на бизнисот во извештајот „Дуинг бизнис 2015“. Во последниве 6 години во време на изразена глобална криза, Македонија го задржа законското решение со кое за реинвестирана добивка не се плаќа данок на добивка.
Дополнително, трошокот за фирмите е олеснет со намалување на стапките на придонесите за пензиско и здравствено осигурување и за вработување. Како поддршка на повеќе индустриски гранки за голем број производи ДДВ-то е намалено од 18 на 5%, вклучувајќи ги и услугите во туризмот.
Свето Николовски
