Oвации за македонските музичари во „Карнеги Хол“

09.10.2015 10:17

Звуците на камерниот оркестар на Македонската Филхармонија во придружба на музичарот Дуке Бојаџиев ја воодушевија американската публика. За прв пат во живо ги слушнаа традиционалните музички инструменти...

Овации за македонските музичари во престижниот „Карнеги Хол“ во Њујорк. Камерниот оркестар на Македонската Филхармонија, пијанистот Дуке Бојаџиев со гостите, и за првпат Каролина Гочева во најдобро светло ја преставија македонската музика.

„Целиот концерт беше на македонски, во среде Њујорк во Карнеги Хол. И имав доста пријатели не Македонци, половина публика беа значи од тука или од светот, но беа сериозно воодушевени, поготово луѓе што воопшто не слушнале за македонска музика. Ова им беше како еден огромен душевен удар, бидејќи сите беа огреани кога излегоа и ми пријдоа по концертот“, изјави Дуке Бојаџиевпијанист и композитор.

Моќно прозвучеа „Танго до Балчак“, „Зборови немам“, „Дојди“, „Кољо“, „Зајди, зајди“.

„Ова беше навистина величенствена изведба и концерт. Навистина сум искрено горда на сите македонски уметници, вклучувајќи се се разбира и уметниците од Македонската Филхармонија, на сето она што го претставија како врвна македонска култура и уметност. Горда сум на сите нивни успеси и тоа токму овде во најголемиот центар во Карнеги Хол, го потврдија преку овој навистина голем настан и за нив и за Република Македонија“, изјави Елизабета Канческа- Милевскаминистер за култура.

Американската публика за првпат слушна музика изведувана на македонски јазик и традиционалните музички инструменти, но сите заминаа од концертот со желба повторно да ги чујат.

Во „Карнеги Хол“ секоја сезона има 250 концерти.

 

Ирина Гелевска, специјален известувач од Њујорк за МРТ