Македонско - австриска полициска соработка
За собирање и анализа на информации за борба со организираниот криминал, македонската полиција ќе учи од австриските експерти. Одговор за современиот организиран криминал е воведување на методологија во полициското постапување, чекор пред сторителите на кривични дела...

Македонската полиција ќе учи од австриски колеги и полициски експерти во собирањето и анализата на информации за борба против организираниот криминал. Проектот ќе се реализира една година. Чини 900 илјади евра, а е финансиран од Европската унија.
„Одговор за современиот организиран криминал е воведување на методологија во полициското работење која ќе му обезбеди одредени предзнаења на полициското постапување и ќе го стави чекор пред сторителите на кривични дела“, изјави министерот за внатрешни работи, Митко Чавков.
Главна цел е развивање на концептот за полициско работење, водено од разузнавање на централно, регионално и локално ниво, регионалните центри за гранични работи во бирото за јавна безбедност и одделот за сузбивање на сериозен и организиран криминал.
„Главен елемент на овој метод претставува наоѓање на деликатен баланс меѓу безбедноста и слободите“, вели Мартин Клауке – раководител за соработка на делегацијата на ЕУ.
На оперативно ниво ќе бидат создадени мешани тимови кои ќе работат на зеднички случаи. Искуството говори дека македонската и австриската полиција и досега бележат заеднички успеси во борбата против меѓународните нарко канали.
„Нашата задача е да координираме во областа на организираниот криминал спроведување на криминалистичка анализа и на нивните методи“, рече Паул Марушек – проект лидер.
Твининг партнер на МВР во проектот е Федералната служба за криминал во Република Австрија со посредство на Агенцијата за европска интеграција и економски развој во Австрија.
„Тоа е државна агенција за твиниг на Австрија со членство од 6 федерални Министерства за финансии, внатрешни работи, европски и меѓународни прашања, здравство, економија, труд и социјална политика и заштита на потрошувачите“, рече Рената Коблер, амбасадор на Австрија во Македонија.
Краен корисник на резултатите од проектот во МВР ќе биде секторот и регионалните организациони единици за криминалистичко разузнавање и анализа при бирото за јавна безбедност.
Наташа Гркова- Петрушевска
