Во Њујорк, промовирано ЦД со македонска музика издадено од американскиот Смитсониан музеј

10.10.2015 11:34

По спектакуларните настапи на Македонската Филхармонија во Кауфман Центар и Карнеги Хол, претставувањето на македонската култура пред американската јавност во Њујорк беше заокружено со промоцијата на ЦД со македонска музика издадено од американскиот Смитсониан музеј, и изложба на двајца македонски уметници...

Изворните македонски песни, чалгии, тапани, зурли, како што звучеле во 60-тите години во Македонија се собирани од американскиот музиколог Мартин Кеиниг. Ова ЦД неодамна го издаде Смитсониан музеј од Вашингтон, со што македонската музика ќе остане зачувана и достапна на пошироката јавност. 

„Мислам дека е големо постигнување што влезе во каталогот на институцијата Смитсониан и таму ќе остане засекогаш. Се додека постои оваа организација ќе постои и запис на музика од Македонија што ќе биде достапна за секој на интернет или преку ЦД по пошта. Луѓето ќе можат да го нарачаат и секој ќе биде во каталогот“, вели Мартин Кеиниг, американски музиколог.

„Ние се договоривме и овој аудио видео запис да биде промовиран во Македонија, кадешто ќе го поканиме и господинот Кеиниг да дојде и заедно со него да го промовираме овој видео запис, каде што може да се види таа силна посветеност за македонската култура, за традицијата, за фолклорот и за сето она што е карактеристично за самата музика за Македонија“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска.

Американска група која го негува македонскиот фолклор го претстави ЦДто во Македонскиот Културен Центар во Њујорк. Гостите беа воодушевени од македонската музика.

„Мислам дека музиката е прекрасна, убава.Ме потсетува на мојата младост. Мари КОеиниг беше учител во средно училиште во близина каде што израснав и обично одевме на фолк танци што тој ги организираше. Така што ова ме враќа во младоста. Убаво.“

„Ми се допаѓа. Мојот сопруг е композитор и ова многу ме потсетува на музиката што ја компонира сега. Навистина ми се допаѓа и македонската заедница е навистина супер.“

„Музиката е прекрасна. Коениг беше мој учител во средно училиште и јас бев во неговата фолк група. Навистина сум среќен што сум овде и што неговата работа доби завршеток. Прекрасно“, велат посетителите кои ги анкетиравме.

Покрај македонското вино и храна, гостите можеа да ги видат инсталациите писмо на Ирена Пирковска и изложбата цртежи на Ацо Таневски.

„Додекоманија настана минатата година со вкупно 46 песни, и потоа се роди потреба тоа да се спакува во некаков поинаков објект, во една книга збирка поезија, којашто ќе биде последена и со илустрации“, изјави Таневски.

Во последниве неколку дена Њујорк беше место каде македонските музичари и уметници достојно ја претставија богата македонска култура и музика на американската публика.

Во Македонскиот Културен Центар редовно се преставуваат дела на македонски уметници.

 

Ирина Гелевска, специјален известувач од Њујорк за МРТ