Македонија го празнува Денот на антифашистичкото востание
Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција Македонија застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности...

Република Македонија денеска одбележува 74 години од почетокот на антифашистичкото востание и Народноослободителната војна. Организираното востание почна во 1941 година кога Првиот прилепски партизански одред го нападна бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.
Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција Македонија застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.
Традиционално по повод празникот денеска во Собранието на Република Македонија ќе бидат врачена државната награда „11 Октомври“. Бројни делегации ќе положат цвеќе на спомениците и паметниците на народните херои.
Во Прилеп кадешто и започнува антифашистичкото востание ќе биде одбележан празникот со низа манифестации.
Седумдесет и четвртата годишнина од македонското народно востание вчера беше одбележана и со свечена академија во Македонскиот народен театар, на која се обрати претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.
