Пешевски: Штетите од невремето во кумановско со ограничен обем

12.10.2015 16:26

Поплавени улици, подруми, куќи. Во Куманово се сумираат штетите. Екипите на општината се задолжени во наредните денови да направат евалуација...

Штетите од невремето во кумановско се со ограничен обем, процени тимот на вицепремиерот Владимир Пешевски по увидот на теренот. Поплавени се катови од куќи, подруми, дворови и земјоделска површина. Екипите на општината се задолжени во наредните денови да направат евалуација на штетата.

„Причините како и секогаш се обилните врнежи, но донекаде и самата локална власт, локалното население, бидејќи каналите каде што тече водата се затрупувани со шут и не е чистено на време. Тоа придонело водостојот на каналите да биде повисок и да дојде до поплавување на куќите“, изјави Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.

По синоќешното невреме најкритично е во населбата „Јоска Илиевски“.

Граѓани за МТВ велат дека побарале помош од општината, но оттаму никој не се одзвал на нивниот повик. Биле оставени сами да се снаоѓаат.

„Се е поплавено, подрумите се полни сите, бавчата, надолу се е полно. Никој ништо не сака да направи, сите ја префрлаат топката, само единствено од пожарната што дојдо, секоја чест за нив“, вели жител на Куманово.

„Од вчера од 7 часот сме на терен, се работи за голема површина под вода, има некаде 5 километри, се работи повеќе за земјоделска површина“, изјави Дејан Илиевски, командир на противпожарната единица.

Втора критична точка е околината на стадионот Башкими, кадешто се поплавени неколку куќи.

Невремето предизвика проблеми и во населбата „Бедиње“, посебно во околината на шумското стопанство. За среќа, при излевањето на реката нема човечки жртви, ниту пак некој побарал медицинска помош.

 

Анита Димитријевска