Се санираат последиците од невремето во Охрид

12.10.2015 16:38

Министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, денеска изврши обиколка на критичните места каде што делови од Охрид беа поплавени по големото невреме. Тој изјави дека имале одлична координација со локалната самоуправа што придонело состојбите за краток период да се нормализираат...

Состојбата во Охрид е стабилизирана по големото невреме кое предизвика поплавување на одредени региони во градот. До пладне 95 проценти од критичните места беа санирани и беа надминати сите штети. Состојбата е стабилна на територијата на целата држава, но извесна загриженост има поради високиот водостој на Вардар и Црна Река.

„Сеуште не е на критично ниво, но водостојот е зголемен. Се работи за делот Удово-Демир Капија, таму има зголемено ниво на водостој, но не е во критична фаза. Исто така има зголемен водостој на Река Црна“, изјави министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Надојдената вода во Охрид беше отстранета со чистење на дренажните канали, речните корита и одводи, но и со копање на дополнителни одводи.

„Се интервенираше на сите оние места каде што вчера посочив дека имаме проблеми со поплавување на цели региони, дури и населени места и куќи“, изјави градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Охриѓани изразија задоволство од брзата реакција на локалната самоуправа.

„Дојде механизација, почна да ја влече водата по што тука каде што сме денес не можеше да се стапне, а камо ли да се стои тука. Поплавени беа домови, во собите имаше многу вода и тука беше критична ситуацијата“, вели Сенад Усеиноски, жител на Охрид.

Одроните и свлечиштата што се појавија во текот на вчерашниот ден на патниот правец Охрид-Свети Наум се исчистени и во моментот сообраќајот нормално се одвива.

 

Сашо Нелоски