Турција

Упасени двајца мажи осомничени за нападот во Анкара

12.10.2015 16:54

Премиерот Давутоглу во интервју за Турската телевизија изјави дека главна цел на нападот било да се влијае на парламентарните избори закажани за 1-ви ноември. Истрагата е ориентирана кон откривање на луѓето што учествувале во организацијата...

Двајца мажи, припадници на Исламска држава ги извршиле самоубиствените бомбашки  напади во близина на железничката станица во Анкара. Премиерот Давутоглу во интервју за Турската телевизија изјави дека главна цел на нападот било да се влијае на парламентарните избори закажани за 1-ви ноември. Истрагата е ориентирана кон откривање на луѓето што учествувале во организацијата.

„Овој напад не е насочен кон одредена група или кон нашите граѓани што присуствуваа на собирот, ниту пак кон некоја политичка партија. Да бидеме на чисто. Нападот беше насочен против нашата земја и против сиот народ. Тоа беше напад против демократијата“, изјави премиерот на Турција, Ахмет Давутоглу.

Двајца цивилни инспектори и двајца началници од полицијата ќе ја водат истрагата за најкрвавиот масакр во современа Турција. Уапсени се четворица, кои се сомничат дека се поврзани со нападите.  Во меѓувреме стотици луѓе извикуваа антивладини слогани на патот кон џамијата во предградието на Истанбул каде што ќе бидат закопани некои од 97-те жртви. Силни полициски сили со водени топови и оклопни возила стојат на влезовите во џамијата додека демонстрантите со застави минуваат покрај нив извикувајќи пароли против Ердоган.

„Светот мора да не види. Мора да види колку страдаме и мора да го спречат тоа. Зборувам за оние што го направија ова. Кои ја предадоа нашата земја и што ги масакрираа нашите деца“, вели мајка на повредена жена.

Првиот човек на турската заедница во Германија, Гокај Суфоглу ги повика симпатизерите на забранетата Курдска работничка партија на воздржаност. Тој е загрижен дека по експлозиите во Анкара би можело да дојде до судири меѓу турските и курдските националисти во Германија. 

На воздржаност повика и потпретседателот на Зелената партија, кој од ЕУ побара да ги замрзне сите разговори со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. Конфликтот меѓу турските власти и курдските бунтовници кој трае со децении, се интензивираше во последните неколку месеци кога загинаа околу 140 турски војници и околу 1.700 курдски борци.

 

Марина Автовска