САД и ЕУ: Советот на обвинители да го именува тимот на Јанева

13.10.2015 11:48

Како позитивно го оценуваат брзото именување на Катица Јанева на функцијата јавен обвинител и нејзиното доставување навремен предлог за тим на обвинители до Советот на јавни обвинители, и општите планови за работа...

Амбасадата на САД и делегацијата на Европската унија го поздравуваат досега постигнатиот напредок за спроведувањето на Законот за јавниот обвинител за истраги за прислушуваните комуникации, што е клучен сегмент од политичкиот договор.

Како позитивно го оценуваат брзото именување на Катица Јанева на функцијата јавен обвинител и нејзиното доставување навремен предлог за тим на обвинители до Советот на јавни обвинители, и општите планови за работа.

Од суштинска важност е Советот на јавни обвинители да ја изврши својата улога согласно Законот за водење на истраги за прислушуваните комуникации и да го именува тимот на Јанева, за да може нејзиното обвинителство да почне да го извршува својот мандат и своите задачи независно и без да трпи било каков облик на политички притисок, стои во заедничката изјава.

Делегацијата на Европската унија и амбасадата на САД се подготвени да помогнат доколку тоа се побара од нив и да обезбедат обука и техничка помош за Канцеларијата на јавниот обвинител да води истрага за прислушуваните комуникации.