Mакедонска литература на саемот во Франкфурт
Од утре до 18-ти месецов во Франкфурт ќе се одржи саем на книгата. На светски реномираната манифестација со своето творештво ќе се претстават и четворица македонски писатели...

Над 1.400 книги на речиси сите издавачи во Македонија и публикации на национални установи ќе бидат изложени на претстојниот Саем на книга во Франкфурт, на специјално подготвен штанд под мото „Куќа на зборови, куќа на светови“. Втора година по ред комесар на претставувањето е Здружението на издавачи и книжари на Македнија (ЗИКМ) со поддршка на Министерството за култура.
На најголемата книжевна саемска манифестација и центар на издавачката индустрија во светот, в сабота, 17 октомври, ќе биде организиран и национален ден, насловен „Дожд од зборови“, на кој ќе бидат претставени четворица македонски автори, добитници на домашни и меѓународни награди - Митко Маџунков, Венко Андоновски, Блаже Миневски и Кица Колбе.
За нивното творештво ќе зборува Бенјамин Лангер, македонист и професор на Универзитетот во Берлин. Извадоци од творештвото на четворицата автори се застапени во каталог кој ќе биде достапен и во електронска форма. На штандот ќе има и реплики, сувенири, артефакти и други содржини кои ја илустрираат македонската културна традиција, а сето тоа под препознатливиот бренд „Македонија вечна“.
