Предлог- буџетот за 2016-та пред матичната комисија

Ставрески: Историски највисоки инвестиции и најнизок дефицит, зголемени пензии и социјална помош

13.10.2015 14:09

И натаму останува високиот износ за капитални инвестиции, историски најголем досега, но и продолжување на политиката за грижа на социјално ранливите категории, пензионерите и земјоделците, рече првиот финансиер Ставрески...

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет расправа за најзначајниот инструмент на буџетската политика. Со буџетот за идната година се предвидува намалување на дефицитот од 3,6 на 3,2 процентa од бруто домашниот производ. И натаму останува високиот износ за капитални инвестиции, историски најголем досега, но и продолжување на политиката за грижа на социјално ранливите категории, пензионерите и земјоделците, рече првиот финансиер Ставрески.

Во образложението за Предлог-буџетот за 2016 година пред членовите на Комисијата за финансирање и буџет, министерот за финансии рече дека капиталните инвестиции се планирани на износ од 25.092 милиони денари, како развојна компонента на буџетот што директно ќе помогне за динамизирање на економската активност во 2016 година.

Капиталните инвестиции за догодина, според Ставрески, се за 2.858 милиони денари повеќе отколку во 2015-та година, што е раст од 12,9 проценти. Инвестиците се за значајни проекти во делот на патната инфрастуктура, каде се планирани 250 милиони евра за патишта, за железничката  инфраструктура се предвидени 2.203 милиони денари.

Според него, оваа година се завршува со силна буџетска позиција, со добра ликвидност на буџетот и навремено и редовно сервисирање на сите обврски од буџетот. Тоа ни создава добра основа за да влеземе во 2016 година со добра буџетска позиција и со салдо и со динамика кои што ќе овозможат да се остварат очекувањата за 2016 година, а тоа е буџетскиот дефицит да се намали од 3,6 на 3,2 проценти од БДП, рече Ставрески.

Со предлог-буџетот за 2016 година се очекува реален раст на БДП од 4 проценти, на извозот на стоки и услуги од 8,1 процент, на бруто инвестиците 7,5 проценти. Стапката на инфлација е проектирана на ниво од 2 процента.