Компаниите да ги искористат парите од Фондот за иновации

13.10.2015 14:46

Почна „Технома“, големиот меѓународен саем. Домашни и странски компании ги претставуваат своите производи и технолошки достигнувања, бараат партнери за соработка. Годинава во фокусот се иновациите. Надлежните со апел – да се искористат парите од Фондот.

„Технома“ ги отвори вратите по 41-ви пат. На меѓународниот саем за присутни 185 компании, домашни и странски. Првите бараат начини за зголемена продажба, вторите скенираат македонски бизнис – партнери.

Еден од странските изложувачи е и оваа бизнисменка од Тајван, која преку организација за надворешна трговија сака да ги продлабочи деловните релации во Македонија.

„Да, сакаме да најдеме бизнис – партнер од Македонија за да ги продаваме нашите квалитетни производи во вашата земја“, изјави Гилберт Цаи, бизнисменка од Тајван.

За извоз и развој на севкупната економија се потребни иновации и производи со висока додадена вредност. Домашните компании велат – без вложување во нови знаења и технологии не може да се биде конкурентен.

„Ако сакаш да успееш и да издржиш на пазарот мора да бидеш иновативен“, вели Љупчо Трајчев, раководител на продажба во домашна фирма.

Надлежните апелираат да се искористат парите од Фондот за иновации. Во тек е повикот за трите инструменти, на домашните фирми им се ставени на располагање 1,3 милиони евра.

„Рокот за аплицирање е до 21 октомври и се надевам дека ќе има интерес и голем број апликации со интересни предлог-проекти“, нагласи Јасмина Поповска, директорка на Фондот за иновации и технолошки развој.

Македонските компании се иновативни, но досега проблем претставуваше недостигот од средства за иновации, вели претседателката на ССК. Сега, со парите од Фондот се менува сликата.

„Оние 16 компании кои аплицираа и дојдоа до финансии продолжуваат со своите успешни деловни приказни. Се надеваме дека и овој повик ќе биде успешен“, вели претседателката на ССК, Данела Арсовска.

Политиките за поттикнување на иновациите даваат резултат, смета вицепремиерот Пешевски. Македонија во рангирањето на Светскиот економски форум за конкурентност од 2007-та досега бележи скок од 34 позиции.

„Не постои земја во Европа којашто во ваков временски период постигнала вакво подобрување на својот индекс на конкурентност, што значи дека нешто се работи во вистинска насока“, изјави Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања

Според Пешевски, вложувањето во иновативност значи подобри компании, зголемена конкурентност на државата и подобар животен стандард.

 

Мартин Пушевски