Хан загрижен за пробивањето на роковите од политичкиот договор
Рокот поставен со договорот од Пржино за измени во изборното законодавство истече на 6-ти октомври. Оттогаш траат поединечни и групни преговори, но партиите не можат да се договорат за гласањето на дијаспората, функционирањето на Државната изборна комисија, чистењето на избирачкиот список...

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан е сериозно загрижен од неуспехот на четирите политички партии во Mакедонија да се договорат за изборната регулатива. Со тоа веќе се пробиваат поставените рокови за целосна имплементација на политичкиот договор од 2-ри јуни и 15-ти јули, оценува Хан.
Рокот поставен со договорот од Пржино за измени во изборното законодавство истече на 6-ти октомври. Оттогаш траат поединечни и групни преговори, но партиите не можат да се договорат за гласањето на дијаспората, функционирањето на Државната изборна комисија, чистењето на избирачкиот список.
До 20-ти месецов треба да се изберат и новите министри и заменици министри во владата, по предлог на СДСМ.
Опозицијата бара пратеникот од дијаспората да се избира со околу 7 илјади гласа, односно со повеќе гласови од кој било пратеник во 5-та и 6-та изборна единица. Според власта, ваквата опција ќе ги остави иселениците без своите претставници во Собранието.
СДСМ го поддржува предлогот на претставниците на албанскиот блок партии за користење на „Бадентер“ при гласањето во ДИК.
