Повредените работници кај Кичево се вон животна опасност

13.10.2015 15:37

Десет лица се здобиле со тешки, десет со лесни телесни повреди во сообраќајната несреќа што се случи изутрината на регионалниот пат Кичево- Осломеј, во близина на селото Мамудовци. Повредените се префрлени во специјалната болница „Свети Еразмо“ во Охрид и во ургентниот центар на Клиничката болница во Скопје...

Во тешката сообраќајна несреќа учествувале минибус „Мерцедес“ и комбе марка „Фолксфаген“, кои по регионалниот пат се движеле од Кичево кон Осломеј, како и едно товарно возило марка „Форд“, што сообраќало во спротивна насока. Сообраќајната незгода се случила во моментот кога минибусот кој превезувал 18 патници започнал да го претекнува комбето, а од спротивната насока наишло товарното возило.

„Судирот се случил меѓу товарното возило „Форд“ и минибусот на нивните леви бочни страни и потоа „Мерцедесот“, значи минибусот удрил и во „Фолкфагенот“, комбето што се движело пред него. Во следниот момент минибусот се удрил и во левата бочна страна, односно левото предно крило од товарното возило кое што се движело пред него“, изјави Стефан Димоски, потрпарол на СВР Охрид.

По незгодата повредените лица се пренесени во кичевската болница по што се упатени во Специјалната болница „Свети Еразмо“ во Охрид и Ургентниот центар во Скопје.

„Во нашата институција беа примени 7 пациенти од кои што двајца беа со потешки телесни повреди и скршеници и веднаш беа збринети. Другите исто така се под опсервација, што значи дека во текот на денешниот ден и утрешниот целосно ќе ги дијагностицираме“, изјави д-р Драган Спасески, специјална болница „Свети Еразмо-Охрид.

Сите пациенти што се примени во охридската болница се надвор од животна опасност, а едно лице кое се здобило со лесна телесна повреда по прегледот и примената терапија е испратено на домашна нега.

 

Сашо Нелоски