Буџет 2016: Историски најголеми суми за капитални инвестиции, рекордно низок буџетски дефицит

13.10.2015 16:27

Рекордно низок буџетски дефицит и историски најголеми суми за капитални инвестиции. Буџетот за 2016-та влезе во собраниска процедура. Вицепремиерот Ставрески најави дека ќе продолжи зголемувањето на поддршката за пензионерите, земјоделците, социјално - ранливите категории. Растот на БДП в година ќе изнесува 4, а стапката на инфлација 2 процента...

Највисоко ниво на капитални инвестиции, зголемување на пензиите и надоместоците за социјална помош, буџетски дефицит од 3,2 проценти е предлог буџетот за 2016- тата година. Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески планираните капитални инвестиции во износ од 25.092 милиони денари се повисоки за 12,9 проценти споредено со годинешниот буџет, тоа директно ќе помогне во динамизирање на економската активност. Предвидени се и повисоки износи на средства и нови зголемувања за примателите на социјална помош, пензионерите и за земјоделците, а зголемувањето ќе продолжи и наредната година, најави Ставрески. Во делот на патната инфрастуктура, се планирани 250 милиони евра за патишта, големи суми се предвидени и за железничката инфраструктура.

„На расходната страна на буџетот, повторно се вградени двете основни димензии, а тоа е развојниот дел на буџетот, кој пред се е изразен во високото ниво на капитални инвестиции кои за следната година се планирани на 25 милијарди и 92 милиони денари, што е историски највисоко ниво на капитални инвестиции. Втората компонента е социјалната компонента, изразена преку одржувањето на социјалната стабилност со вградените проекции и средсва обезбедени за покачување на социјалната помош, што ќе се реализира во средината на годината и зголемување на пензиите, што ќе се реализира исто како оваа година“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Стварески.  

За опозицијата, ваквиот буџет е нереален и неостварлив, а парите се трошат непродуктивно.

„И овој буџет, како и сите буџети наназад кои што сте ги предлагале во Собранието на Република Македонија, има само една константа, а тоа е да расте се повеќе и повеќе. И оваа година го срушивте рекордот, надминавте три милијарди евра“, рече Марјанчо Николов.

Со Предлог- буџетот за 2016 година се очекува реален раст на БДП од 4 проценти, раст на извозот на стоки и услуги и на бруто инвестиците. Стапката на инфлација е проектирана на ниво под 2 процента. Вкупните расходи, според предлогот се за 4,7 проценти повисоки, а вкупните приходи поголеми за 6 проценти споредено со годинава. Намалувањето на буџетскиот дефицит според Ставрески е во насока на реализација на тригодишната фискална стратегија на Владата.

„Буџетскиот дефицит да се намали од 3,6 на 3,2 проценти на БДП. Ова е значајно бидејќи претставува исчекор во насока на тригодишната фискална стратегија на Владата на РМ, која предвидува етапна консолидација на јавните финансии, при што во 2017-та буџетскиот дефицит ќе се сведе на 2,9 проценти од БДП“, нагласи Стварески.

Годинава се очекува да заврши  со силна буџетска позиција, со добра ликвидност на буџетот и навремено и редовно сервисирање на сите обврски од буџетот, рече Ставрески.

 

Дијана Ценевска