Брисел: Извештаите за напредок одложени на неодредено време

13.10.2015 16:30

Брисел на неодредено време го одложи објавувањето на извештајот на напредокот на земјите-кандидатки за членство...

Европската комисија го одложи на неопределено време, конкретно за „најмалку една недела“ објавувањето на прогрес извештаите на земјите кандидати за членство во ЕУ, вклучително и за Република Македонија, како и на потенцијалните кандидати за влез во европското семејство, а причината е актуелната бегалска криза, изјави портпаролот на ЕК, Маргаритас Шинас.

„Вистина е дека извештаите за проширувањето е норманлно да се објавуваат во ова време на годината. Ние како Комисија мислиме дека поради сето ова што се случува изминативе недели, покажа што е најважно, и оти тоа е она што треба да го сториме и да се концентрираме на решавање на бегалската криза. Тоа е најважно сега. Имаме во четврток самит на Европскиот совет и апсолутен приоритет е тоа што таму ќе се дискутира, и кога ова ќе биде заклучено, ќе се движиме кон извештите за проширувањето“, изјави Шинас.

Засега нема потврда кога ќе биде објавувањето на извештите за напредкот на земјите кандидати, иако неофицијално се говори дека истите ќе бидат објавени до крајот на месецот.

Ова е второ пролонгирање на објавување на извештаите од страна на ЕК. Првично требаа да бидат објавени на 14-ти окотмври, односно утре, по што неформалната влада на ЕУ ги одложи за најрано дури следната недела.

 

Марина Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ