Се зголемува соработката меѓу домашните компании и странските инвеститори

13.10.2015 16:52

Се раздвижи бизнисот меѓу странските инвеститори и домашните фирми. Ги користат потенцијалите на македонската индустрија. Наместо од увоз, набавуваат репроматеријали и делови од локални компании, употребуваат домашни услуги за транспорт и логистика...

Се повеќе домашни компании градат партнерства со странските инвеститори. Над 500-ни македонски фирми соработуваат со компаниите од технолошко- индустриските развојни зони. Досега домашните бизнисмени инкасирале 30 милиони евра. За бизнис- коморите резултатот од соработката со странците е поголем економски раст и креирање нови работни места.

„За домашние компании тоа значи повеќе работа, трансфер на знаење и нови технологии, воведување на нови стандарди во работата, инвестиции во самите компании, со тоа и зголемување на конкурентноста и можност за извоз на странските пазари“, изјави Митко Алексов, извршен директор на ССК.

Со инвеститори се полни и ТИРЗ во Тетово. Потпишани се договори со четири странски компании. Најголемата инвестиција во слободната економска зона во Тетово е амриканската „Леар“.

„Две се италијански компании, едната е за производство на композитни материјали, втората компанија е ’Ин-бус’- за производство на автобуси, третата компанија е турска компанија која треба да произведува катализатори и филтри, а најголемата инвестиција во слободната зона во Тетово е америкаснки ’Леар’“, рече Арбен Халими, генерален директор на Нормак инвестмент груп.

Според истражувањето на здружението на млади аналитичари и истражувачи, 74% од граѓаните сметаат дека е оправдано отворањето на Технолошко-индустриските развојни зони, 56 % од испитаниците се изјасниле дека ефектот на странските директни инвестиции врз македонската економија е позитивен, а над 85 насто одговориле дека и македонските инвеститори треба да ги уживаат истите поволности како странските.

Од здружението имаат забелешка за државната помош, за која велат не може да се пресмета заради недостапноста на податоците.

 

Сунчица Николоска