Маратонците кои трчаат во чест на Тоше Проески пречекани во Белград
Маратонците кои трчаат во чест на Тоше Проески од Нова Градишка, пречекани во Белград од неговите фанови...

16-те македонски маратонци кои вчера во чест на Тоше Проески го започнаа 8-от меѓународен маратон од Хрватска- пристигнаа во Белград. Тие го трчаат маратонот долг 1000 км. од Нова Градишка, преку Белград и Скопје до Крушево.
„Целта на овој ултра маратон е да го продолжиме и сочуваме ликот и делото на нашиот Тоше Проески. Човекот кој што сееше љубов и беше голем хуманитарец не само во Македонија, туку и во Србија, Хрватска и другите балкански земји“, изјави -Наум Капричевски- технички организатор на маратонот.
Маратонците беа пречекани пред Комбанк Арената - местото значајно за кариерата на Тоше Проески, од српските фанови и македонската заедница во Србија.
„Тоше Проески беше еден од најдобрите амбасадори на македонската култура, еден од амбасадорите на македонскиот мелос, но и на македонската добрина и на македонскиот народ. Македонската заедница овдека во Србија тоа го чувствува и го цени за во иднина“, изјави Борче Величковски, претседател на НС на македонската заедница во Р. Србија.
Тоше Проески беше амбасадор на македонската култура кој ја афирмираше Македонија, личност кој треба да ја паметиме и почитуваме.
„Дај боже да имаме уште многу такви ѕвезди како Тоше, кои Македонија ќе ја претставуваат во вистинско светло и ќе влеваат љубов кај младите“, нагласи Јовица Палашевски, министер- советник во македонската амбасада во Белград.
Вечерва во Белград на големата сцена на Академија 28 ќе се одржи концерт на КУД Македонија од Скопје, пеачката група на македонскиот национален совет во Србија-Тоше Проески, а за неговата кариера ќе говорат неговите соработници и пријатели, меѓу кои и Биљана Крстиќ.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ
