„Последната ноќ“ премиерно во Битолскиот театар
Годинашнава серија на премиери, Битолскиот народен театар ја продолжува со претставата „Последната ноќ“ од полскиот драматург Ингмар Вилквист, а во режија на Андреј Цветановски, кој со ова дело дебитира на битолската сцена. Психолошката драма е всушност една фамилијарна приказана за тоа како случувањата во надворешниот свет влијаат врз едно семејство...

Претставата „Последната ноќ“ од Ингмар Вилквист во режија на Андреј Цветановски е една психолошка драма која ги напаѓа чувствата и емоциите, преку фамилијарната приказна за едно поинакво понижувано семејство. Големите потреси што се случуваат во надворешниот свет влијаат врз нивниот изолиран внатрешен свет дотаму што ги уништува сите оние работи што семејството ги гради и се труди да го одржи својот мал но значаен свет.
„Оваа претстава е обид да доловиме како едно семејство може да биде жртва на случувањата во нивниот надворешен свет како стегите на тој свет го растураат и понижуваат просечното семејство“, вели режисерот Андреј Цветановски.
На сцената подготвена од Сергеј Светозарев ќе настапат актерите Соња Михајлова и Марјан Ѓоргиевски, велат- сензитивноста на текстот за некого ќе биде документарно парче од животот.
„Метафората на овој текст е дека секогаш постојат такви семејства малку поинакви од другите поразлични од обичните и се наоѓаат на маргините на животот“, вели актерката Соња Михајлова.
„Текстот навистина мотивира и предизвикува многу силно го доживувам ликот во кој настапувам“, додава актерот Марјан Ѓоргиевски.
Освен по сензибилната тематика оваа психолошка драма е карактеристична по тоа што и на режисерот и на дел од останатиот авторски ансамбл ова им е деби на битолската театарска сцена.
Стевче Митревски
