Обвинителите незадоволни од формирањето на специјалното обвинителство
Законот го оценуваат како неуставен, и иницираат оценување на неговата уставност и законитост пред Уставниот суд. Обвинителите по итна постапка бараат измени во законите за јавно обвинителство, и за плати и надоместоци...

Јавните обвинители незадоволни од донесувањето на Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани со незаконското следење на комуникациите. Се става под сомневање нивното стручно и објективно постапување во илјадници други предмети, стои во дописот од Обвинителството.
Законот го оценуваат како неуставен, и иницираат оценување на неговата уставност и законитост пред Уставниот суд. Обвинителите по итна постапка бараат измени во законите за јавно обвинителство, и за плати и надоместоци.
Сметаат дека е недоволен бројот на јавните обвинители и службениците. Велат дека сеуште немаат одговор на нивното барање за зголемување на кадарот за 30 проценти.
Во однос на финансискиот план на специјалниот обвинител, се бара корегирање на примањата на јавните обвинители кои постапуваат по тешки предмети.
На координативниот состанок, било заклучено да се достави барање до Советот на јавни обвинители за одговор, на кој начин е составена предлог листата за избор на обвинители во специјалното обвинителство, дали имало оглас и дали се исполнети сите критериуми.
