Со обука до полесен пласман на иновациите на пазарот

14.10.2015 16:10

Предавачи од Македонија и Австрија ќе ги унапредуваат знаењата и вештините на претприемачите како да ги менаџираат иновациите, како да работат на маркетингот и на финасирањето на иновациите...

Иновацијата не е единствениот предизвик на малите и на средните претпријатија. Подеднакво голем предизвик се менаџирањето, рекламирањето и обезбедувањето пари за новитетите. Елена Јолевска, претставник на ИТ компанија вели дека од големо значење е секој трансфер на знаења и искуства што можат да ги добијат.

Триесетина компании добија обука како полесно да ги пласираат своите иновации на пазарот. Главен резултат на проектот е воспоставување Центар за иновации во кој ќе може да се добијат поддршка, информации и знаење.

„Сите мали и средни компании во Европа се соочуваат со истите предизвици во поглед на иновативноста, со недоволно финансии, недоволно време, недоволно знаење. Со оваа обука на компаниите им даваме знаење, сет од алатки што ќе им помогнат да успеат во пласирање на своите иновации на пазарот“, вели волфганг шаберајтер, професор од Австрија.

Микро, мали и средни претпријатија до 21-ви октомври можат да се пријават на  вториот повик на Фондот за иновации и технолошки развој.

Заинтересираните ќе можат да аплицираат за три инструменти на Фондот, кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“, кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации и кофинансирани грантови за трансфер на технологии.

Наташа Јанчиќ