Советот на обвинители одобри 7 од предложените 14 помошници на Јанева
По реакциите во јавноста и официјалниот став на Советот на обвинители дека барањата на Јанева се Нереални, Советот, очекувано, одобри седум обвинители во тимот на специјалната обвинителка, а не 14 како што предложи таа. Огромниот буџет и платите за тимот на Јанева, создава револт кај обвинителите кои секојдневно работат со опасни предмети, вели јавниот обвинител Зврлевски и најави иницијатива пред Уставниот суд...

Тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева остана покус за седуммина овинители, бидејќи Советот на јавни обвинители после три ипол часа расправа не им даде зелено светло.
14 предвидуваше, но, Советот одобри седум обвинители во тимот на Јанева. Според неа, со ова Советот го прекршил специјалниот закон донесен од Собранието, па очекува Советот да се корегира. Вели, не се откажува од тимот во целост каков што го предложила, но, ако треба ќе работи и со седуммина.
„Се прекрши Законот за специјалното јавно обвинителство и се узурпира договорот од Пржино. Се надевам дека во најскоро време ќе ја корегираат одлуката“, изјави специјалниот обвинител Катица Јанева.
Првиот човек на Советот образложи дека одлуката е донесена поради проценката дека на специјалната обвинителка ќе и бидат доволно седуммина обвинители.
„Според бројот на предмети кои ги имаме во предвид кои се сега во работа и кои ќе преминат во работа, сметаме дека се доволен број на јавни обвинители. Второ, и самиот јавен обвинител во својот план наведе дека оваа бројка во иднина може да се зголемува или да се намалува“, рече Петар Аневски, претседател на Совет на јавни обвинители.
Поради огромниот буџет и примањата на оние што ќе го сочинуваат тимот на Јанева, постои голем револт кај обвинителите кои секојдневно процесуираат предмети за случаи на тероризам, тешки кривични дела, вели јавниот обвинител Зврлевски.
Ќе побара од Владата да ги добијат истите услови како и оние од специјалниот тим. Зврлевски најави иницијатива пред Уставниот суд поради, како што рече, политичкиот избор на специјалната обвинителка.
„Ако вие имате политички договор за некоја личност спротивно на сите законски правила и носење на закон спротивно на сите правила и барање на избор спротивно на сите законски правила во Републиката, тогаш сметам дека тоа е политичка одлука“, изјави јавниот обвинител на РМ, Марко Зврлевски.
Јанева побара за последниот квартал од 2015 година за плати и надоместоци над милион евра. Планира да почне со работа од 1-ви ноември, а во рок од 8 дена да ги преземе материјалите од Обвинителствата. За 18 месеци ќе треба да ги заврши истрагите.
Фиљана Кока
