Инвестиции во патната ифраструктура: Ќе се гради нов пат Кочани- Делчево
Распишан е тендерот за изградба на патот Кочани – Делчево. Според проекциите во новата 30 километарската делница ќе бидат инвестирани 10 милиони евра. Надлежните очекуваат градежните зафати да старуваат до крајот на годинава...

Распишан е тендерот за изградба на патот Кочани-Делчево, во должина од 30 километри, во вкупна вредност од 10 милиони евра. Изградбата е предвидено да почне кон крајот на годината. Министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, најавува нови инвестиции во патната ифраструктура.
„Ќе започнеме со изградбата на патните делници од Штип до Радовиш и од Штип до Кочани. До крајот на годината очекувам да заврши постапката за распишување на тендерот за градба и во првата половина од 2016 година ќе започнеме со градба. Се гради и делницата Велес-Кадрифаково, автопатот Миладиновци - Штип“, изјави министерот Мисајловски.
Наредната година ќе биде реконструиран и асфалтиран патниот правец од Кочани до Пониква. Целта е подобрување на целосната слика околу влезовите во Кочани, интензивно се работи на изградба на новата клучка на влезот во градот.
„Рехабилитација и асфалтирање на делницата од влезот во Кочани која е во должина од 1.200 метри чини 8,5 милиони денари. Работите целосно ги изведува Македонија пат“, рече Ратко Димитровски – градоначалник на Кочани.
Директорот на Државни патишта вели дека во кочанско- виничкиот регион целосно се осветлени клучките кај Оризари и за влез во Виница од магистралниот пат Кочани- Делчево.
„Околу Кочани ние веќе направивме две клучки, едната е Оризари, а со Зрновце имаме потпишано договор. Влезот во Кочани, пак, ќе се третира заедно со експресниот пар“, рече Александар Стојановски – директор на ЈП за државни патишта.
Министерот Мисајловски на терен и во Чешиново и Облешево, на местата каде што беа поплавени оризовите ниви и излеаните речни корита на Кочанска и Злетовска река. Најави дополнителна механизација за земјоделците за да ја завршат својата работа во поле. Инаку, Владата додели 700.000 литри нафта за чистење на каналите и речните корита.
Наташа Гркова- Петрушевска
