Хилари Клинтон доминираше во првата дебата на демократите

15.10.2015 11:14

Демократската партија на првата дебата во Лас Вегас, Невада ги претстави петмината кандидати што се во трка за номинација за претседателски кандидат. Поранешната прва дама и државна секретарка Хилари Клинтон доминираше во дебатата, следена од сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс...

Хилари Клинтон е најсериозниот кандидат на Демократската партија за претседателските избори во 2016-та. Клинтон покажа слабо познавање на економијата и справувањето со климатските промени, но доминираше во однос на надворешната политика. Таа се произнесе и за прашањето дали одобрува воена интервенција во Сирија.

„Се согласувам целосно, не сакаме да испратиме американски копнени сили во Сирија. Никогаш не сум го рекла тоа. Реков дека треба да направиме коалиција, нешто на што работев пред да го напуштам Стејт Департментот. Коалицијата треба да ги вклучи арапите, луѓето во регионот, бидејќи ме загрижува ИДИЛ што освојува територија и има поголем дострел, па претставува закана за нашите пријатели и соседи во регионот, но и пошироко“, рече Хилари Клинтон- кандидат за претседател на Демократската партија.

Во првата демократска дебата, Клинтон имаше можност да се оправда за скандалот со е-мејловите, но беше прекината од најголемиот конкурент сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс дека Американците се уморни од нејзините е-мејлови. Сандерс којшто е второпласиран во анкетите, се задржа на економијата и одговори на обвинувањата дека е социјалист.

„Ќе победиме зошто ќе објасниме што е демократски социјализам. Според демократскиот социјализам неморално и погрешно е што 1 процент од Американците поседува 90 проценти од богатството. Лошо е во денешната слаба економија, што 57 проценти од профитот оди во рацете на тој 1 процент богати. Ако погледнете во светот, секоја поголема држава, Норвешка, Данска, Шведска, обезбедува здравствена заштита за сите граѓани како право, што не е случај само со САД“, изјави Берни Сандерс-претседателски кандидат на Демократската партија.

Еден ден пред одржувањето на дебатата, Клинтон одржа митинг пред хотелот на Доналд Трамп во Лас Вегас, напаѓајќи го најсериозниот кандидат на Републиканската партија за неговата нетолеранција кон имигрантите и пристрасноста кон богатите Американци.

Трката за номинација за претседателски кандидат во Демократската партија е неизвесна. Следната недела Хилари Клинтон треба да сведочи пред комитетот во Конгресот за нападот во Бенгази. Се уште не е познато дали ќе биде кандидат и актуелниот американски потпретседател, Џо Бајден.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ