Ловриќ: Македонија одамна заслужи членство во НАТО
Македонија одамна го заслужи членството во НАТО. Причина не треба да биде само справувањето со мигрантската криза, став на хрватскиот началник на генералштабот, Генерал Ловриќ. Првиот човек на македонската Армија, Генерал потполковник Величковски демантира дека во војската има партиски чистки...

Македонија од повеќе причини одамна го заслужи членството во НАТО, а не само поради огромниот придонес во справувањето со актуелната бегалската криза, смета хрватскиот началник на генералштабот генералот Ловриќ. Стратегиски интерес на целиот регион е Македонија да биде дел од Алијансата.
„Ставот на Хрватска е дека Македонија одамна заслужи да биде членка. Оваа криза дополнително ја оптоварува стабилноста и безбедноста на регионот и ние како држави ќе преземеме се што е во наша моќ на хуманитарен план“, изјави генерал Драго Лoвриќ, началник на ГШ на војската на Хрватска.
Македонија и Хрватска се дел од рутата на мигрантите и тоа е заеднички проблем,вели началникот на генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Величковски. Двајцата генерали заклучиле дека е потребна и размена на информации. Првиот човек на генералштабот на македонската армија ги отфрли како неосновани шпекулациите за наводни партиски чистки. Армијата секогаш е транспарентна и ужива најголем углед кај граѓаните и сите постапки се темелат на стандарди,принципи и почитување на законите. Одредени прекуманди на старешини се одраз на потребите за дообразување и школување.
„Ние имаме одреден број висококвалификувани едуцирани старешини кои од разни причини долги години биле во Генералштабот, каде одредени високи офицери по 15 години се на истото работно место. Дел од старешините се прекомандувани по нивно барање, од прични што со одењето во единиците на Армијата истите ќе добијат додаток, бенефициран работен стаж. Тоа не е казна, тоа е привилегија, а со новото работно место ќе им бидат зголемени и личните примања“, изјави Генерал-потполковник Методија Величковски-началник на ГШ на АРМ.
Величковски и Ловриќ договориле натамошна соработка во военото образование,заедничко распоредување во мировни операции и продлабочување на активностите во рамките на Јадранската група.
Милчо Велески
