ЕУ денеска ќе расправа за бегалската криза
Според податоците на меѓународната организација за миграција, од почетокот на оваа година во ЕУ пристигнале речиси 600.000 бегалци...

Лидерите на Европската Унија денеска во Брисел, ќе се обидат да изнајдат решение за актуелната бегалска криза. Фокусот на самитот ќе биде врз соработката со земјите надвор од границите на ЕУ со цел да дојде до разрешување на најлошата бегалска криза уште од Втората Светска војна.
Според податоците на меѓународната организација за миграција, од почетокот на оваа година во ЕУ пристигнале речиси 600.000 бегалци.
Германската канцеларка Меркел изјави дека клучната улога за решавање на кризата ја има Турција. Таа истакна дека нема да успее да воведе ред и да го спречи приливот на бегалци, доколку Германија не работи заедно со Турција.
„Она што го правиме овде е добро, но не е доволно. Затоа ќе апелирам пред Европскиот совет, ќе седнеме заедно и ќе разговараме за бегалците“, нагласи Меркел.
Таа прецизираше дека поддршката на Анкара треба да вклучува хуманитарна помош и поддршка за обезбедување на границите и борбата против криминалните мрежи за трговија со луѓе.
