Иванов: Безбедносен чадор на ЕУ за Балканот
Западниот Балкан итно да се интегрира во безбедносниот систем на ЕУ. Со оваа тема претседателот Ѓорге Иванов настапи на форумот „Кран Монтана“ во Женева каде што ќе се дискутира за мигранстаката криза, глобалната безбедност, заканите од организираниот криминал и воопшто радикализмот. Учесниците, меѓу кои премиери и шефови на држави ќе се осврнат и на војната во Сирија, која е главен причинител на мигранстката криза...

Мигрантската криза, глобалната безбедност, заканите од организираниот криминал, екстремизам и радикализам – ова се главните теми за кои се разговара на форумот „Кран Монтана“ во Женева.
Жешката точка е Сирија, каде се судираат интересите на глобалните сили и се води војна на сите против сите. Хаосот во земјата предизвика бегалски бран од огромни размери. Претседателот Иванов во своето обраќање на „Кран Монтана“ порача: „Надворешните граници на Европската унија и на НАТО не се чуваат, контролните механизми потфрлија, се напушти солидарноста, се нарушија билатералните односи.
„Глобалната закана од насилен есктремизам и од странски терористички борци не може да се реши со бирократски процедури, туку со дневно менаџирање на заканата. Справувањето со оваа криза е можно само со целосно интегрирање на полициските и разузнавачките служби низ Европа“ – изјави претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.
На маса е повторно идејата за формирање регионален центар за борба против тероризмот, потребни се превентивни механизми и заеднички одговор на заканата. Иванов укажува: „помина времето кога европската безбедност се чуваше само на тлото на Европа. Сега Европа се чува и на Блискиот Исток, на Кавказот, во Северна Африка, но во годините што следат ќе мораме да се навикнеме да живееме во состојба на перманентна криза.
„Државите од Западен Балкан мораат да се интегрираат во архитектурата на безбедносниот систем на Унијата, со непречен пристап до сите бази на податоци. Секоја земја може да придонесе со тоа што ќе го споделува своето искуство“, нагласи претседателот Иванов.
Претседателот Иванов oствари средба со генерелниот директор на ОН во Женева, Мајкл Милер. Побарал поголем ангажман од Организацијата за прашањето за името. Иванов повторно ја повторил позицијата – членките на Унијата да и дозволат на Македонија да ги почне преговорите за членство, независно од прашањето за името, бидејќи е предолго блокирана на евроатлантскиот пат, што создава тензии во политичкиот живот и меѓуетничките односи.
Форумот „Кран Монтана“ е основан во 1986 година со цел да ја поттикне меѓународната сороботка и да придонесе за глобалниот раст.
Мартин Пушевски, специјален известувач од Женева за МРТ
