Нова разделба ФФМ – селектор

Друловиќ заминува!

15.10.2015 16:50

Договорот на Друловиќ и на Фудбалската федерација на Македонија беше на шест месеци, со можност да се продолжи на уште две години, но под услов нашиот национален состав да не биде пласиран подолу од четвртото место во групата. Ние бевме последни...

Репрезентативниот фудбалски брод незапирливо тоне, а прв најверојатно ќе го напушти капетанот. Селекторот Љубинко Друловиќ има понуда да биде тренер на Партизан и извесно е дека ќе ја прифати. Тоа значи дека Македонија ќе има нов фудбалски кормилар.

Договорот на Друловиќ и на Фудбалската федерација на Македонија беше на шест месеци, со можност да се продолжи на уште две години, но под услов нашиот национален состав да не биде пласиран подолу од четвртото место во групата. Ние бевме последни, па можеби и според овој параметар, логично е соработката да престане. Друловиќ освои еден бод на пет натпревари во квлификациите, беше полн со оптимизам кога дојде овде и постојано повторуваше дека Македонија може да оди напред под негово водство. Само по неколку средби, српскиот стратег се предомисли и не убедуваше дека Македонија нема вистински фудбалски материјал, што и не е докрај погрешно. Можеби и поради сето ова, тешко е да се верува дека Друловиќ ќе ја одбере Македонија место Партизан. Црно-Белите се негов поранешен клуб, имаат силно реноме, а  настапуваат и во УЕФА Европа лигата. А тоа се чини е голем предизвик за Друловиќ, третиот селектор којшто ја предводеше македонската репрезентација во минатите два циклуса. Серијалот со многу селекторски епизоди за краток временски интервал, ова раководство на ФФМ го почна со Чеде Јаневски кој одработе осум квалификациски натпревари и замина во белгиски Монс. потоа федерацијата му укажа шанса на Бошко Ѓуровски, но го смени откако Македонија со него оствари една победа на пет квалификациски меча. Претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, тогаш беше цврсто убеден дека Македонија треба да има странски селектор и изборот падна на Друловиќ. Од оваа временска перспектива, резултатски гледано, потегот беше погрешен.

И што сега? Македонец или странец? Пред шест месеци Федерацијата беше убедена дека селекторот треба да биде од надвор! Ќе се задржи ли тој став или изборот ќе се насочи кон домашен стручњак? Фудбалската чаршија веќе работи. Но изборот на селектор сега е најмалиот проблем на македонскиот фудбал. дојдовме до ниво кога поединечните персонални решенија не можат да влијаат. Едноставно, нема таков експерт што може да помогне ако коренито не се менуваат многу работи. Системски и суштински!!!