Почнува грејната сезона

15.10.2015 16:55

Изутрината осамнаа млаки радијатори. Штом живата на термометарот се крена над 12-от степен, парното се исклучи...

Од денеска и официјално почнува грејната сезона. Според последните одлуки на регулаторната комисија за енергетика, времето на греење се продолжува за еден час, па така, наместо до 21, граѓаните ќе имаат парно до 22 часот.

Изутрината осамнаа млаки радијатори. Штом живата на термометарот се крена над 12-от степен, парното се исклучи.  

Од оваа година стартува новината според која - ако УХМР предвиди температура за следниот ден пониска од 12-от степен, домаќинствата ќе добиваат греење. Граѓаните штo се приклучени на Балкан енерџи груп од оваа година плаќаат парно поевтино за 0,19 проценти, додека на ЕЛЕМ енергетика за 0,86 насто. Сметките на Скопје Север АД остануваат исти.

Со исклучок на потрошувачите кои се врзани за централното скопско парно, граѓаните се уште се во дилема како да го затоплуваат домот. Ако се има предвид дека цената на струјата за еднотарифните мерила изнесува 4,47 денари за потрошен киловат час, во просечно студена година, некои семејства треба да издвојат и до 4.000 денари месечно и тоа ако затоплуваат само една соба од дваесетина метри квадратни. Доколку се загрева целиот стан, месечната сметка за струја може да достигне и до 10 илјади денари.

И оваа година поевтина опција е огревното дрво. Цената во приватните складишта достигнува и до 3.600 денари за кубен метар. Според анализите, просечно семејство во сезона троши од три до десет метри кубни огревно дрво, па според тоа, за затоплување на стан од 60 метри квадратни, би требало да издви од 12 до 20 илјади денари годишно.

Околу 370.000 домаќинства во земјава се греат на електрична енергија иако има и семејства во Куманово и Струмица што се греат на природен гас, како и во Битола и Кичево кои се греат на јаглен.

 

Анита Димитријевска