Повисоки субвенции за забрзан развој на туризмот
Од идната година се зголемува висината на субвенциите за чартер превоз од 25 евра на 65 евра за Израел, Австрија, Малезија, Јужна Кореја, Италија, Франција и Шпанија. Бенефиции ќе има и за привлекување на туристи и од други странски земји. Новите владини мерки треба да го продолжат трендот на континуиран раст во туризмот...

Од идната година ќе се зголемат субвенциите за домашните тур оператори за привлекување на странски туристи. Владата донесе одлука субвенциите за чартер превоз да се зголемат од 25 на 65 евра за Израел, Австрија, Малезија, Јужна Кореја, Италија, Франција и Шпанија, а висината на субвенциите за чартер лет за Чешка, Словачка, Унгарија, Полска и Романија од 25 да бидат 35 евра. Владиниот портпарол, Ѓорѓиев вели дека одлуките за зголемување на субвенциите биле усвоени на владина седница.
„Цениме дека со овие одлуки на Владата за зголемување на субвенциите за привлекување на туристи од странски земји ќе се продолжи со позитивниот и континуиран раст на туризмот и на останатите стопански гранки кои се поврзани со него, особено ако се има предвид дека по претходно направените анализи контактите кои се направени со туристички оператори од овие земји каде што ги зголемуваме субвенциите, постојат сериозни и цврсти можности дека во следниот период ќе имаме раст на бројот на туристи од земјите каде што ги зголемуваме субвенциите“, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Субвенциите, промоцијата на Македонија како туристичка дестинација, намалувањето на ДДВ за туризам од 18 на 5%, модернизацијата на аеродромите во Скопје и Охрид, ефтините летови, помогнаа за развој на туризмот.
Ѓорѓиев најавува нови мерки за продолжување на позитивниот тренд. Според податоците на Државната статистика, бројот на туристите во август 2015 година изнесувал 168.851 и е зголемен во однос на лани за 16,1%.
Дијана Ценевска
