Во „Молња“ уапсени 7 јатаци на терористите

15.10.2015 17:18

Истрага за уште седуммина осомничени за инволвираност во кумановските настани од мај годинава. Полицијата ги привела утрината во голема акција. Меѓу нив има и поранешни команданти на ОНА...

Се расплтетува мрежата на јатаците на криминално- терористичката група која беше стационирана во кумановско „Диво Насеље“. Уапсени се 7-мина во полициската акција „Молња“. Тројца се од кумановското село Отља, двајца од скопско Брест и по еден од Арачиново и Матејче. Осомничени се за извршување кривични дела - „Терористичка организација“  „Тероризам“ и „Помагање“.  Полицијата ја документирала нивната поврзаност со случувањата во „Диво насеље“ и инволвираноста во претходниот напад на Полициската станица во „Гошинце“. Не се исклучува можноста да помагале и во нападите врз стратешки објекти во Скопје.

„Освен помагањето на криминално-терористичката група од „Диво насеље“, еден од осомничените имал обиди во текот на полициската акција да мобилизира помлади лица и со таа група да изврши напади во Скопје, да ја дефокусира полицијата и да ја намали нејзината сила во напорите за совладување на вооружената група во Куманово“, изјави Иво Котевски, помошник-министер за односи со јавноста во МВР.

Полицијата извршила претреси на петте локации каде се уапсени осомничените. Пронашле  карти на голема Албанија, униформи на УЧК, автоматска пушка, куршуми, машина за полнење патрони, пари, мобилни телефони. Во акцијата немало инцидент. Приведените беа изведени пред судија на претходна постапка во скопскиот кривичен суд. Против поголемиот дел осомничени и досега биле поднесувани кривични пријави и изрекувани затворски казни.

 

Наташа Гркова- Петрушевска