Дипломатија

ООН: Брисел да обезбеди поголема поддршка за Македонија во справувањето со бегалската криза

16.10.2015 10:44

Брисел треба да овозможи поголема помош за Македонија и за Србија во справувањето со бегалската криза, истакнал високиот комесар за бегалци на Обединетите нации, Антонио Гутиерез, на средбата со македонскиот претседател Иванов во Женева. Земјите од регионот треба да се интегрират во структурите на Европската унија, смета Иванов...

Македонија и Србија се клучните држави во менаџирањето на мигрантската криза – смета високиот комесар за бегалци на Обединетите нации, Антонио Гуитерез. По средбата со претседателот Иванов во Женева, Гуитерез истакнал дека УНХЦР настојува Брисел да овозможи поголема помош за двете држави за справување со кризата.

На Македонија и е потребна помош, истакнал претседателот Иванов, техничка, кадровска, но пред сè финансиска помош, бидејќи земјава има ограничени капацитети за згрижување на луѓето кои доаѓаат од кризните жаришта. Иванов информирал дека сега ова се прави со пари од државниот буџет и со минимална помош од Европската унија. Од аспект на безбедноста, македонскиот претседател на средбата со Гуитерез, слично како и на форумот „Кран Монтана“, ја истакнал потребата, Македонија и земјите од регионот да бидат интегрирани во структурите на Европската унија и да имаат целосен пристап до базите со податоци на ЕУ, НАТО, Шенген и Фронтекс. На земјава и треба опрема за регистрација на мигрантите и за надзор на државната граница, потребна е соработка и размена на информации.

„Глобалната закана од насилен есктремизам и од странски терористички борци не може да се реши со бирократски процедури, туку со дневно менаџирање на заканата. Справувањето со оваа криза е можно само со целосно интегрирање на полициските и разузнавачките служби низ Европа“, изјави претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.

Гуитерез на средбата ја пренел пораката: „УНХЦР и стои на располагање на Македонија за непосредна помош, но и за лобирање пред ЕУ и другите меѓународни институции и истакнал дека нашата земја мора да биде дел од заедничкиот европски одговор на мигрантската криза.

 

Мартин Пушевски, специјален известувач од Женева за МРТ