Солана: На Македонија ѝ оди добро
Моменталната ситуација во Европа ќе влијае во разрешувањето на објективно помалите проблеми како името, па Македонија ќе може да влезе во Европската унија и во НАТО, оценува поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Хавиер Солана...

И покрај сите проблеми во Европа, на Македонија и оди добро. Не сум бил подолго во посета, но сметам дека актуелните проблеми со економската криза и бегалците и одат во прилог на Македонија, и покрај спротиставувањето од Грција, конечно да ја заокружи евроатланската интеграција, оцени поранешниот Висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и поранешен Генерален секретар на НАТО, Хавиер Солана во Вашингтон.
„Мислам дека Македонија направи добра работа. Навистина многу се надевам дека сите проблеми поврзани со името ќе бидат повлечени. Ситуацијата во моментов во Европската Унија ќе помогне за надминување на оние да речеме објективно помали проблеми, па тие ќе бидат решени“, изјави Хавиер Солана, поранешен висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
Според конвенцијата за бегалци, Европа мора да ги прифати бегалците од Сирија, но тоа треба да го направат и други земји во светот, смета Солана.
„Се разбира ќе биде тешко, ако има милион бегалци, само ЕУ нема да може да ги прифати. Ние ќе правиме колку што можеме, но и други земји во светот ќе треба да истапат и да земат бегалци“, нагласи Солана.
Според Солана, по договорот за нуклеарната програма, Иран се враќа на меѓународна сцена, и добро е што се вклучи во борбата против Исламската држава, но треба да се формира поширока коалиција на држави за справување со оваа закана.
Според Хавиер Солана нема решение за ситуацијата во Сирија и бегалската криза без вмешување на Иран. Сепак од тоа кој ќе биде на власт во Иран во фебруари ќе зависи ставот на оваа држава кон Блискиот Исток.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
