Иванов: Македонија да биде дел од европскиот одговор на кризата
Македонија мора да биде на маса кога ЕУ ќе одлучува за мигрантската криза. Земјите од Балканот не можат сами да се справат со ситуацијата, бидејќи немаат капацитет и доволно пари. Брисел да даде повеќе пари- ова се клучните пораки на претседателот Иванов испратени од Женева...

Македонија мора да биде дел од заедничиот европски одговор на мигрантската криза. УНХЦР ќе лобира во Брисел да и се даде поголема финансиска помош на земјава, но Македонија мора да има пристап до базите со податоци на ЕУ, НАТО, Шенген и Фронтекс. Ова се главните пораки од средбата во Женева меѓу претседателот Иванов и високиот комесар за бегалци на Обединетите нации, Антонио Гуитереш.
Во Македонија дневно влегуваат меѓу 4 и 7 илјади мигранти, земјава прогласи кризна состојба и месечно троши над милион евра од својот буџет за менаџирање на ситуацијата. Се уште чекаме на помошта од Европската унија. Претседателот Иванов од Женева порача дека затворените граници и подигнатите ѕидови ги затекнуваат билатералните односи и вршат притисок врз мигрантите.
„Згрижувањето на мигрантите во балкански држави кои не се членки на Унијата е неодржливо, бидејќи тие држави немаат ниту капацитет ниту ресурси за да се справат со надоаѓачките бранови на мигранти“, изјави претседателот Ѓорѓе Иванов.
Мигрантската криза ја разоткри кризата на европските институции, смета Иванов. Потфрли чувањето на надворешните граници, земјите-членки кројат сопствени политики за справување со ситуацијата. Ако Балканот навреме беше интегриран, состојбата со мигрантите ќе беше поинаква, смета шефот на државата. Македонија мора да биде дел од заедничкиот европски одговор.
„Очигледно е дека Унијата нема заедничка политика во однос на мигрантската криза. Ние мора да бидеме на масата тогаш кога ќе се креира таа политика. Не може да се одлучува за балканскиот мигрантски коридор без учество на земјите низ кој минува тој коридор, независно дали се членки или кандидати за членство во Унијата. Балканот е дел од Европа, и Европската унија не може да зборува во името на цела Европа сè додека не го интегрира Балканот“, нагласи претседателот Иванов.
Иванов се сретна и со Високиот комесар за човекови права на ОН, Ал Хусеин. Утврдено е дека Македонија ги прави сите напори за достојно прифаќање, транзитирање и испраќање на мигрантите.
Во своето обраќање на форумот „Кран Монтана“ во Женева, претседателот Иванов рече дека Балканот воопшто не е нова рута , туку стара рута со ново име. Ако порано името на таа рута било „Виа Ингација“ или „Виа Милитарис“, денес е „Виа Мигрантес“.
Мартин Пушевски, специјален известувач од Женева за МРТ
