Лицата со инвалидитет добиваат шанса за свој бизнис
Со грант и над 15 илјади евра лицата со инвалидитет може да отворат свој сопствен бизнис и да вработат нов кадар. Треба да бидат активни баратели на работа, обука и логистика за реализација на бизнис идејата ќе добијат од Агенцијата за вработување. Целта е да се зголеми вработеноста кај оваа категорија граѓани...

Шанса за самовработување и почнување бизнис добивааат и инвалидните лица. На располагање имаат посебна програма која се реализира преку Агенцијата за вработување и треба да се пријават во нејзините работни клубови во Центрите за вработување. Освен самовработување и старт на бизнис, инвалидните лица ќе можат да аплицираат и за проширување на активностите и дополнителни вработувања. Притоа, ќе можат да ги користат и можностите на проектот „Македонија вработува“.
Средствата се неповратни и кумулативно можат да достигнат износ до 15.000 евра. Грантот може да се користи за повеќе намени: за почнување бизнис преку самовработување и набавка на опрема и репроматеријали, можат да се искористат 310.000 денари, вклучувајќи и експертска поддршка преку обуки, изработка бизнис план и регистрација.
„Се работи за добро осмислен пакет за вработување на лицата со инвалидитет. Тие се стекнуваат со право и можноста во вкупен обем да добијат 15-тина илјади евра кои што ќе бидат искористени за креирање на бизнисот, за две дополнителни вработувања во истиот тој бизнис и за добивање помош од посебниот фонд на Агенцијата, што претставуваат средства кои може да придонесат за квалитетно остварување и развивање на самиот бизнис“, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Двете вработувања и проширувањето на бизнисот отвораат можност за добивање дополнителен грант од 92.000 денари за секое ново отворено работно место.
По 9 месеци успешно водење бизнис и редовно исплаќање на плати и придонеси лицето со инвалидност може да поднесе барање до Агенцијата за вработување за користење неповратни среддства од Посебниот фонд. Преку него, лицето со помал инвалидитет може да добие неповратни 20 просечни плати или 420.000 денари, односно 40 плати доколку се работи за поголем степен на инвалидност. Единстевн услов за основачот на бизнисот е дополнително вработените да ги задржи на работа најмалку уште 12 месеци.
Свето Николовски
