Дали лидерот на СДСМ направи дипломатски скандал со Израел?

16.10.2015 17:23

Дали лидерот на СДСМ направи дипломатски скандал со Израел? Дали неговата изјава демантирана од тамошните власти може да им наштети на односите меѓу двете земји? Потпретседателот на опозициската партија, Дамјан Манчевски не коментира. Аналитичарите со став – за Заев ова е срам, за Македонија – штета...

Претставници на раководството на СДСМ денеска не сакаа пред камерите да ја коментираат ситуацијата што ја предизвика нивниот лидер, Заев со Израел по дадената изјава по средбата со владините претставници која потоа беше демантирана од официјален Тел Авив.

„Ќе има партијата соопштение и став многу брзо“, рече Дамјан Манчевски.

„Оние кои не сакаат да разберат, ќе дојде момент кога ќе разберат“ - се вели во партиското соопштение кое стигна по изјавата на Манчевски, во кое ја повторуваат и изјавата на лидерот на партијата по средбата со вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Израел, Силван Шалом.

Израел, преку амбасадорот во земјава, реагираше дека станувало збор за куртоазната средба на која се разговарало за општи прашања, особено околу потребите за подобрување на односите меѓу Израел и Македонија.

„Министерот нагласува дека на средбата не се разговараше за било какви безбедносни или финансиски прашања“, велат од израелската амбасада во земјава.

Дали лидерот на СДСМ направи дипломатски скандал со Израел? Дали неговата изјава демантирана од тамошните власти може да им наштети на односите меѓу двете земји? Аналитичарите со став – за Заев ова е Срам, за Македонија – штета.

„Тоа што го стори лидерот на СДСМ не е ниту државнички ниту доликува на опозициона партија која има намера да ја води државата. СДСМ и Заев не се на раководна функција и сметам дека не можат на наштетат на дипломатските односи, но сметам дека можат да наштетат на идната безбедносна соработка меѓу Израел и Македонија“, вели аналитичарот Оливер Андоновски.

Андоновски заклучува дека со ова Заев и СДСМ можат да и наштетат на идната соработка меѓу Македонија и Израел.

 

Наташа Гркова- Петрушевска