Нема веќе непоразени екипи во ракометната ЛШ
Вардар потклекна пред Колдинг
18.10.2015 20:25
По четирите порази, данскиот првак се разигра во најлош момент, одигра најдобро што може токму на денот кога „црвено-црните“ беа ослабени без Штербик, Дујшебаев, Деревен и Стоилов...

Вардар го загуби перфектниот биланс, откако по најлошото издание годинава во Лигата на шампионите беше поразен од Колдинг Копенхаген со 33-31. По четирите порази, данскиот првак се разигра во најлош момент, одигра најдобро што може токму на денот кога „црвено-црните“ беа ослабени без Штербик, Дујшебаев, Деревен и Стоилов. И кога голманите ќе имаат само четири одбрани, кога одбраната ќе биде стихијна и ранлива како никогаш претходно сезонава, па кога и 60 минути не ќе може да се најде вистинскиот ритам, јасно е дека Вардар тешко можеше да избегне пораз од тимот којшто досега имаше само неуспеси.
Беше израмнето до средина од првото полувреме, се дури Вардар не поведе си 11-9, па со 12-10, со 13-11 и со 14-12 во 24-та минута. И тогаш несфатливо, застана. Колдинг направи 5-1 до паузата, го сврте резултатот, а се покажа и мечот. На одмор замина со 17-15, па иако Вардар двапати изедначуваше до 19-19 во 39-та минута, не можеше да го задржи налетот на Колдинг. Повредата на аркадата на Тоскиќ уште повеќе го скуси изборот на тренерот Гонзалес.. По 24-23 на 14 минути до крајот, веќе не можеше да го запре победничкиот занес на Данците. Тие го имаа феноменалниот лев бек Андерсон, којшто десетпати ја искина вардаровата мрежа, Спелерберг и Ирминг Андерсен придонесоа со по шест, а Ландин Јакобсен со четири гола..
Дибиров и Македа со по седум гола беа голгетерски лидери на нашиот првак, Карачиќ даде четири, Шишкарев и Марсениќ по три, а Лацковиќ два гола. Циндриќ не заигра, Манасков и Лазаров многу малку, Брумен речиси и да не беше на мечот, така што премалку поединци имаше во црвено-црн дрес коишто можеа да се носат.
Киелце доаѓа во Скопје наредната сабота, Вардар тогаш ќе биде и кадровски посилен за повеќемина од отсустните денеска, но претходно понеделнички ќе треба да ја одработи СЕХА задачата против регионалниот конкурент Загреб.
