Јолевски- Стефансон: Развојот на родовата рамноправност е приоритет за Македонија и Шведска

19.10.2015 14:02

Министерот Јолевски и амбасадорот Стефансон разговараа и за можноста за заедничка организација на семинар посветен на родовата рамноправност и резолуцијата 1325 на ООН...

Македонија и Шведска ги споделуваат современите вредности како мирот, демократијата и еднаквоста. Земјите заеднички ги поддржуваат и напорите за етаблирање на овие вредности на светско ниво, особено во проектот за родова еднаквост и рамноправност, кој е приоритет за Шведска во процесите за воспоставување на мирот и обнова на кризните региони. Република Македонија и Министерството за одбрана во овој процес имаат исклучителен напредок и се едни од предводниците. Ова го заклучија министерот за одбрана, Зоран Јолевски и амбасадорот на Шведска во Македонија, Мац Арне Стефансон на денешната средба во Министерството.

Министерот Јолевски и амбасадорот Стефансон разговараа и за можноста за заедничка организација на семинар посветен на родовата рамноправност и резолуцијата 1325 на ООН.

„Ние сме целосно посветени на ова прашање и за нас рамноправноста на половите е приоритет. Тоа може да се види и преку застапеноста на женскиот пол на Воената академија, а неодамна во рамките на Армијата ја имаме и правата жена-пилот“, рече министерот Јолевски. Во однос на семинарот, министерот истакна дека тоа е одлична идеја која ќе добие целосна поддршка од Министерството за одбрана.

Амбасадорот Стефансон се заблагодари за средбата и посочи дека резултатите на Македонија во оваа област се видливи, што е и поттик за идејата овој семинар да се одржи токму во Република Македонија.

Двајцата соговорници на средбата разменија мислења околу модалитетите за развој на меѓусебната соработка, како и за геополитичката состојба во регионот и Европа и мигрантската криза која го зафати континентот.