Oбвинителите на Јанева не положија заклетва
Седумтемина избрани обвинители кои требаше да бидат тимот на Катица Јанева денеска не поднесоа свечена изјава. Откако политичките партии испратија писмо до министерот за правда Аднан Јашари со барање да се изберат и останатите седум членови, министерот го доставил писмото до Советот кој пак го препратил до специјалната обвинителка...

Писмото со барање во целост да се избере тимот на Катица Јанева потпишано од претставниците на четирите најголеми политички партии, изутрината е доставено до Советот на јавните обвинители. Министерот за правда Аднан Јашари ја имаше посредничката улога. Од Јанева се очекува во најкус рок да испрати барање за повторно одлучување, со цел да се изберат и преостанатите седум обвинители од нејзиниот список.
Седумтемина избрани обвинители денеска не дојдоа на свечената седница за да положат заклетва и со тоа да стартува нивниот ангажман во специјалното обвинителство. Претседателот на Советот, Петар Аневски не ја исклучува можноста, ако Јанева побара, нејзиниот тим да се комплетира на утрешната седница откако ќе се спроведе дебата и тајно гласање на членовите на советот. Истовремено, Аневски не гледа потреба од проширување на тимот затоа што во овој момент, како што вели, обвинителствата се соочуваат со недостиг на кадар.
Аневски додава дека Советот нема да подлегне на притисоци, а писмото потпишано од работните групи на партиите доставено преку министерот за правда не го сфаќа како политички притисок.
Анита Димитријевска