Странските инвестиции позитивно влијаат врз економијата

19.10.2015 16:12

Поголем економски раст, намалена невработеност- првиот човек на Советот на странски инвеститори зборува за позитивното влијание на македонската економија. Годинава извозот ќе надмине две милијарди евра...

Странските инвестиции имаат позитивно влијание на македонската економија, бенефитот е голем- вели претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер.  Странските компаниите генерираат поголем економски раст, ја намалуваат невработеноста и овозможуваат трансфер на знаења и технологии. Проценките се дека годинава вкупниот извоз ќе надмине две милијарди евра. Споредено со 2013-та извозот е поголем за 52 проценти.

„Во последниве неколку години со помош на странските инвестиции, Македонија успеа да произведува и да извезува производи со висока технологија, како катализатори, жичани системи, покрај оние што традиционално ги извезува на пазарите“, изјави Штефан Петер претседател на Советот на странски инвеститори.

20 најголеми компании заедно со странските инвестиции вработуваат речиси 40 проценти од населението. Странските компании нудат работа и овозможуваат локалните добавувачи да вработат нова домашна работна сила. Годинава се очекува зголемување  на вработеноста за 33 проценти споредено со лани.

„Според најновиот извештај на Ернест и Јанг, за 2015-та година, споредено со 2013-та, во 2014-та странските инвеститори го зголемија вработувањето, го зголемија бројот на работни места за 223%“, нагласи Петер.

Во првата половина од годинава во Македонија се инвестирани околу 120 милиони евра, а лани странските инвестиции надминале 330 милиони евра. Половина од најдобрите 200 компании во земјава се странски инвеститори.

Генерираат вкупен приход од 4,43 милијарди евра или половина од македонскиот БДП. Седум странски компании кои се меѓу најдобрите десет, создаваат приход од 2,25 милијарди евра.

 

Дијана Ценевска