Ќе расте надоместокот за заштита од енергетска сиромаштија

19.10.2015 16:32

Семејствата корисници на социјална помош од јули 2016 година ќе добиваат зголемен месечен надомест за заштита од енергетска сиромаштија. Досегашните 800 денари по месец се зголемуваат на 900 денари месечно...

И в година ќе расте надоместокот за заштита од енергетска сиромаштија. 900 денари неповратни средства ќе добијат корисниците на социјална помош. Субвенциите за потрошувачка енергија се неповратни и се наменети за најранливите категории на семејства. Ѓорѓиев најави повиок надоместок и во 2017– та. 

„Покрај зголемувањето на социјалната парична помош за 10 проценти во текот на оваа година и предвидените средства за дополнително зголемување на истата во текот на 2016 година за дополнителни 5 проценти, значајно е што обезбедивме над 1,3 милиони евра, средства со кои ќе се зголеми и надоместокот за заштита од енергетска сиромаштија, кој што од следната година, од месец јули ќе изнесува 900 денари“, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Проектот заштита од енергетска сиромаштија се реализира од пред пет години кога субвенцијата изнесуваше 600 денари месечно. Пред три години беше 700, а годинава се исплаќаа 800 денари. Државата реализира и низа мерки за помош на најралнивите категории, меѓу кои и проектот за отпис на долговите, условниот паричен надоместок, мерките за вработување.

Со државна помош се решава и станбеното прашање за овие категории семејства. Деновиве ќе биде објавен огласот за 101 новоизграден социјален стан во Прилеп и Демир Хисар, наменети за најранливите категории, најави премиерот Груевски.

Овие мерки се составен дел од програмскиот концепт на владата за проекти и мерки кои се ветени пред граѓаните и ќе продолжат да се реализираат и во идниот период.

 

Викторија Милевска