Како до повеќе пари за домашните фирми?
98 насто од вкупниот број компании во државава се микро, мали и средни бизниси кои учествуваат со 60 насто во Бруто домашниот производ. Од власта велат – со 11 мерки во стопанството завршуваат стотици милиони евра годишно...

СДСМ со обвинување до власта за државната помош за домашните прептријатија. Велат – не се давале пари. Најавуваат дека тие ќе обезбедат50 милиони евра годишно за малите и средните фирми , докапитализација на МБПР, инвестициски фонд за вложување во старт-ап компании и старт-ап центри.
„Третиот столб обезбедува нов модел на економски развој, во чијшто центар се домашните прептријатија и инвестициите во образованието, здравствотто и крупните инфраструктурни проекти“ – изјави Драган Тевдовски, претседател на Комисија за економија на СДСМ.
Од власта велат дека со пакет од 11 мерки, кои веќе се спроведуваат, кај малите и средните фирми годишно завршуваат стотици милиони евра годишно. Ниски даноци и царини, намалени казни и отпис на камати, регулаторна гилотина, активни мерки за вработување, помош од странски експерти и пари од Фондот за иновации, e само дел од направеното за подобрување на бизнис – климата, вели вицепремиерот Ставрески. Тука е и кредитната линија од ЕИБ, која на фирмите им стави на располагање кредити под поволни услови, со субвенционирана камата.
„350 милиони евра обезбедивме за малите и средни претпријатија. Од тие 350 милиони евра, 319 милиони се веќе искористени. 1.583 македонски мали и средни претпријатија ги добија овие пари, реализираа соодветен број на проекти со отворање на 6.441 работно местo“, нагласи вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Податоците на Статистика покажуваат дека 98 проценти од вкупниот број претпријатија се микро, мали и средни фирми. Во нив се ангажирани над 70% од вработените и учествуваат со 60% во БДП.
Мартин Пушевски
