САД: Поранешни авторитети во изборна кампања

20.10.2015 10:43

Поранешни високи американски претставници се вклучија во изборната кампања во Соединетите Американски Држави. Потпретседателот Дик Чејни советува да се врати финансирањето на армијата, а државната секретарка Медлин Олбрајт укажува на грешките ако се избере Републиканец за претседател.

Прва работа што треба да ја направи новиот претседател е враќање на воената сила на Америка, советува поранешниот американски потпретседател Дик Чејни. Тој предупреди дека кратењето на финансирањето на вооружените сили, им дава предност на Кина и Русија и на непријателите на САД, како Ал-Каеда.

„Прва работа што треба да ја направиме е повторно да ги изградиме вооружените сили. Секој шеф на штабот во изминативе години сведочеше пред Конгресот дека повеќе немаме капацитет за спроведување на стратегијата за национална безбедност. Мораме повторно да го изградиме овој капацитет“, смета Дик Чејнипоранешен американски потпретседател.

Поранешната американска државна секретарка Медлин Олбрајт, пак предупредува дека Америка ќе назадува доколку се избере Републиканец за претседател. 

„Токму на тоа треба да работат демократите идната година. Да се вратат на вредностите што ја прават Америка голема и нашето учество во светот неопходно. Тоа може да се постигне бидејќи отсекогаш сме го правеле тоа“, вели Олбрајт.

Олбрајт која беше прва жена американски државен секретар, активно е вклучена во кампањата на демократскиот кандидат Хилари Клинтон. Според неа, светот ќе биде побезбедно место ако во Америка има Демократ за претседател.

Медлин Олбрајт постојано потенцира дека пристигнала во Америка како имигрант и затоа смета ека претседателските кандидати треба да посветат повеќе внимание на имигранската политика.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ