Kонкурс за поддршка на стручно усовршување на талентирани уметници и дефицитарни стручни кадри
Грижата за младите уметници и за дефицитарните кадри е еден од приоритетите во културната политика на Министерството за култура ...

Министерството за култура денеска во печатените медиуми го објави конкурсот за поддршка на стручно усовршување на талентирани уметници и дефицитарни стручни кадри за 2016 година, мерка која се однесува на нивна едукација на престижните универзитети во Европа и во светот. Конкурсот е наменет за стручно усовршување во повеќе уметнички области, меѓу кои се: филмот, театарот, музиката, танцот, литературата, визуелните уметности, архитектурата и дизајнот, како и заштитата на движното и недвижното културно наследство.
Согласно конкурсот, Министерството за култура ќе обезбеди средства како еднократна сума од Буџетот на Република Македонија за: поддршка на стручно усовршување на талентирани млади уметници и дефицитарни стручни кадри (за редовни, постдипломски и докторски студии и специјализации) во странство со приоритет на студиите што ги нема во образовниот систем во нашата земја; поддршка на стручно усовршување на дефицитарни стручни кадри за непосредна заштита на културното наследство, како и поддршка на стручно усовршување во странство на кадри за менаџмент и маркетинг во културата и примена на нови технологии. Конкурсниот рок за поднесување на пријавите е заклучно со 20.11.2015 година.
Грижата за младите уметници и за дефицитарните кадри е еден од приоритетите во културната политика на Министерството за култура и токму затоа, секоја година во Годишната програма се обезбедува поддршка за стручно усовршување на талентирани уметници и дефицитарни стручни кадри во сите дејности од областа на културата. Во периодот од 2008 до 2015 година е поддржана едукацијата на 365 стипендисти кои студирале на престижните универзитети во светот. Оваа програма на Министерството за култура и сите стимулативни мерки кои се однесуваат на младите уметници и дефиницитарните кадри демонстрираат еден одговорен однос на државата во креирањето на циклусот кој подразбира едукација, градење и развивање на уметниците во Република Македонија, нешто што е навистина од големо значење за македонската култура.
